Колач ” Растурени кнедли “

Рецептот ми е од мајка ми. Ми се јавува на телефон, јас се возам во метро и ми вика: земи пенкало и пишувај, многу убав рецепт сега гледав на телевизија, на децата сигурна сум дека ќе им се допадне. Ама мамо во метро сум сега, под земја, како да го пишувам …

Ова редовно ми се случуваше. Кога беа помали децата многу време поминував во кола, само да ги развозувам, од школо на англиски, на германски, на спорт … се случуваше и да немаат време за ручекот дома да го изедат па колата кујна ја претворив. Убедена бев ако не се хранат здраво нема да го издржат тој товар.

Колачов ни е еден од најомилените. Брзо се подготвува, најдобро е од вечер за да се излади убаво. Така се сече во коцки без проблем. Оригиналниот рецепт е со модри сливи, и  така сум го направила ама со вишни ми е ВРВ. Обожувам десерти со вишни. Не се многу благи и комбинацијата на  киселкаст вкус им дава посебен шмек … 

Колач ” Растурени кнедли “

Состојки:

  • 300 гр. презли
  • 100 гр. кафеав шеќер
  • 200 мл. масло или 50 гр.растопен путер
  • 500 гр. вишни
  • 1 супена лажица густин
  • 1 литро млеко
  • 200 гр. гриз
  • 100гр. кафеав шеќер
  • 3 јајца
  • 1 прашак за печење

Подготовка:

Презлите се мешаат со шеќерот и маслото (јас го заменив со растопен путер). Половина од смесата се истура во тава за печење обложена со хартија за печење со димензии (35 Х 25) и убаво се измазнува. Вишните, јас употребив замрзнати се варат со малку вода отприлика 7 минути и се желираат со предходно растворена во вода 1 лажица густин. Се меша на тивко и остава настрана малку да се подизлади. Во ладното млеко се додава гризот и шеќерот и на тивко со постојано мешање се вари додека не се згусне.Откако ќе се згусне се додаваат јајцата, едно по едно со постојано мешање со жица.На крај се додава прашакот за печење.Вишните се потураат врз презлите, а врз нив се потура филот од гриз со јајцата. Се мазни убаво и се прелива со остатокот од презлите.Во загреана рерна на 180 степени се пече 30 минути. Колачот убаво се лади и сече на коцки.

Ви се допадна ли рецептот?

Посетете го мојот Инстаграм профил за повеќе рецепти.

Слични Рецепти

Pin It on Pinterest

Share This