Madeleine

Некако имав уплав од француските рецепти. Можеби заради макаронсите  кои се толки популарни во последно време. Уште не сум ги направила. Купив специјални модли, се имам ама ете со причина или случајно ги избегнувам. За се треба расположение. Секоја чест на макаронсите  ама мене лично подзаборавените Маделеини ми се повкусни. Знеав дека ќе ги погодам од прва. Им пристапив со таква елеганција, префинетост како што и заслужуваат. Фина текстура со путер, мирис на ванила и лимон ќе ве освои и ќе заборавите на други колачи и во мислите ќе ви бидат Маделеинесите. За почеток ќе морате да купите ребраст калап за Маделеини. Го има во различни материјали и величини, а можеби најлесно е да користите силиконски модли. Можат да се ароматизираат на разни начини, а јас најмногу ги сакам со рендана кора од свеж лимон. Може и со кора од портокал, да се додаде суво грозје во тестото. Важно е да ги планирате  однапред,  тестото треба пред да се пече да отстои 1 час. Французите ги јадат топли со кафе или чај, може да се послужат со сладолед или растопено чоколадо.

Bon Appétit!

Madeleine

Состојки:

  • 2 јајца
  • 80 гр.шеќер
  • 75 гр.путер
  • 100 гр. брашно
  • 1 мало лажиче прашак за печење
  • Кора од лимон
  • Ванила екстракт

Подготовка:

Јајцата се матат со шеќерот убаво како за торта. Се додава растопениот и изладен путер, лимоновата кора, ¼ лажичка течна ванила. Се убаво се меша со миксер и на крај се додава просеано брашно (со цедилка или сито) прашакот за печење и со силиконска шпатула се меша тестото. Се остава покриено со крпа да отстои 1 час. Рерната се загрева на 190 степени. Во специјални модли, јас користев силиконска модла за маделеини со лажиче се полнат и се печат додека не нараснат отприлика 10 до 11 минути. Се посипуваат со шеќер во прав или шеќерна глазура (прав шеќер со неколку капки лимон).

Ви се допадна ли рецептот?

Посетете го мојот Инстаграм профил за повеќе рецепти.

Слични Рецепти

Pin It on Pinterest

Share This