Сезона на јаболка е. Ги има во изобилие, разни врсти, разни рецепти, разни вкусови. Сите десерти со јаболка, ореви и цимет ги сакам..ама како овој рецепт со полнети и печени јаболки како туфахии, прелиени со пандишпан и на тањир превртени па уште со шлаг…
Овој колач ме потсетува на детството. Рецептот е многу стар, мајка ми многу често го правеше. Имав преубаво детство. Во недела се знаеше семеен ручек со супа, главно јадење и десерт. Имав привилегија да израснам во семејство со љубов, традиција и почит. И секој си го знаеше местото.Имав 2 баби и 1 дедо. Многу сум горда на нив, а сигурна сум и они на мене. Моите родители многу патуваа. Мајка ми работеше во авио компанија и скоро цел свет го прошетаа. Ја наследив љубовта за патување од семејството. Домот ни беше како музеј. Се носеа сувенири од секаде, слики, маски по ѕидовите.Пробувавме и разни кујни од целиот свет..

















